Дванаесетгодишно момче од Калгари пронајде скелет на редок диносаурус стар 69 милиони години. Младиот аматерски палеонтолог истражувал со татко му низ дел од канадската провинција Алберта богат со фосили, кога видел коски како штрчат од карпи. Ископувањето на скелетот завршило оваа недела.

„Кога првпат ги видов коските, останав без зборови. Бев во шок кога сфатив дека сум пронашол коски на диносаурус“, изјави Нејтан Храшкин.

Вкупно биле пронајдени 50-ина коски од млад хадросаурус

Нејтан, кој се интересира за диносауруси од шестгодишна возраст, вели дека често пешачи со татко му низ заштитените неплодни предели на Алберта. Во овие предели често се наоѓаат фосили, кои се заштитени со закон, па затоа Нејтан и неговиот татко Дион го известиле музејот „Ројал Тајрел“ за своето откритие. Експертите од музејот утврдиле дека станува збор за млад хадросаурус, при што во кањонот биле пронајдени 50-ина коски.

Од музејот велат дека ова е значајно откритие, бидејќи фосилот е стар околу 69 милиони години, а доказите од тој период се доста ретки.

„Откритието на Нејтан и Дион ќе ни помогне да ја пополниме празнината во нашето знаење за еволуцијата на диносаурусите“, изјави кураторот на музејот Франсоа Теријан.