АЛЕН ДЕЛОН – АКТЕРСКА ЛЕГЕНДА И СЕКС СИМБОЛ КОЈ НЕ КРИЕШЕ ДЕКА ИМА ПРИЈАТЕЛИ ВО ФРАНЦУСКОТО ПОДЗЕМЈЕ

Париз, (Ројтерс)

Ален Делон, француска филмска икона и секс симбол, почина на 88 години. Со впечатливите сини очи и згодниот изглед, Делон често го нарекуваа „француски Френк Синатра“, иако оваа споредба никогаш не му се допаѓала. За разлика од Синатра, кој ги негираше своите врски со мафијата, Делон никогаш не криеше дека имал пријатели во француското подземје, вклучувајќи го кумот на криминалот во Марсеј.

Повеќето од гангстерите кои ги знам беа мои пријатели уште пред да станам актер. Не се замарам со тоа што работат мои пријатели. Секој сноси одговорност за своите дела“, изјави Делон во интервју за „Њујорк тајмс“ во 1970-тите.

Делон беше во врска со актерката Роми Шнајдер (Фото: АП)

Делон се прослави во 1960-тите, снимајќи со најпознатите европски режисери. Ги освојуваше срцата на милиони фанови без разлика дали глумеше убиец, гангстер или насилник. Во Јапонија го обожаваа и мажи и жени, но не успеа значајно да се пробие во Холивуд.

Делон беше бизнисмен исто колку и актер. Рекламираше козметика и инвестираше во коњички трки со своите сомнителни пријатели. Ваквите негови врски особено избија во прв план откако неговиот поранешен телохранител Стеван Марковиќ беше пронајден мртов во вреќа на депонија, со куршум во главата. Делон беше испрашуван од полицијата, која не го доведе во врска со ова убиство, но „аферата Марковиќ“ се претвори во национален скандал. За убиството беше обвинет, а потоа и ослободен Франсоа Меркантони, пријател на Делон и познат лик во француското подземје.

Делон се прослави во 1960-тите, снимајќи со најпознатите европски режисери (Фото: АП)

За Марковиќ, кој бил роден во Белград, се зборело дека бил во врска со бившата сопруга на Делон, Натали и дека поседувал фотографии кои биле компромитирачки за тогашната француска елита.

Делон еднаш се женеше, а меѓу славните љубовници се издвојуваат актерката Роми Шнајдер и пејачката Нико. Во 2018 изјави дека се заситил од модерниот живот и дека веќе имал подготвено гроб за себе близу својот дом во Женева. Последен пат се појави во јавност во 2019, кога прими почесна Златна палма во Кан, а во последно време медиумите пишуваа за спорот за грижата што го водел со своите деца.

(Фото: АП)