АМЕРИКАНКА БЕЗ НОГА ИСТРЧА РЕКОРДНИ 104 МАРАТОНИ ЗА 104 ДЕНА

Њујорк, (Би-Би-Си)

Американка која почнала да трча откако останала без нога поради рак постави нов рекорд за најмногу истрчани маратони едноподруго. Џеки Хант-Брурсма (46) трчала маратонска делница секој ден од средина на јануари, за што вообичаено ѝ требале пет часа.

Во саботата, таа го комплетираше 104. маратон за исто толку дена и очекува ова постигнување да влезе во Гинисова книга на рекорди.

„Дел од мене беше среќен што ова заврши, но другиот дел ми кажуваше да продолжам да трчам. Благодарна сум за ова искуство, зашто трчањето ми ја даде довербата што мислев дека никогаш нема да ја повратам“, изјави Хант-Брурсма, која е родена и пораснала во Јужна Африка.

Во 2002, на Џеки ѝ била дијагностицирана Јуингова саркома, редок тип на рак на коски. По само две недели, лекарите решиле да ѝ ја ампутираат левата нога со цел да ѝ го спасат животот. Со трчањето почнала во 2016 откако купила специјална протеза за тркачи на долги патеки.

Хант-Брурсма истрчала вкупно 4.378 километри на патот до рекордот и притоа собрала над 88.000 долари за непрофитна организација која обезбедува тркачки протези за инвалиди.