Жена од Калифорнија родила близнаци за Нова година и тоа во различен ден, различен месец и различна година, што е многу редок случај.

Во петокот вечер, Фатима Мадригал и Роберт Трухиљо од Гринфилд го добиле синот Алфредо Антонио, кој дошол на овој свет во 23:45 часот. Петнаесет минути подоцна, токму со доаѓањето на новата година, Мадригал родила и женско бебе.

„Лудо е што имам близнаци, а имаат различни родендени. Бев изненадена и среќна кога таа се роди на полноќ“, изјави Мадригал.

Од медицинскиот центар „Нативидад“ кажаа дека ова им било едно од најнезаборавните породувања досега.

„Токму на полноќ, Ајлин Јоланда Трухиљо се роди како прво бебе во областа во 2022. Нејзиниот брат близнак се роди на 31 декември во 23:45 часот. Шансите за ова се еден во два милиона“, кажаа од болницата.