АМЕРИКАНКАТА ЛАЕЛ ВИЛКОКС ГО ПОМИНА СВЕТОТ СО ВЕЛОСИПЕД ЗА 108 ДЕНА И ПОСТАВИ НОВ РЕКОРД

Чикаго, (Би-Би-Си)

Американката Лаел Вилкокс стана најбрзата жена која го поминала светот со велосипед. Нејзиниот пат долг 29.169 километри почна и заврши во Чикаго, а траеше 108 дена, 12 часа и 12 минути.

Вилкокс го собори рекордот на Британката Џени Грем од 2018, која го обиколи светот за 124 дена и 11 часа.

Триесет и осумгодишната Вилкокс тргнала на 28 мај и откако поминала низ 12 држави на четири континенти, вчера пристигна назад во Чикаго. Таа возеше до 14 часа на ден. Експертите проценуваат дека ултравелосипедистите трошат меѓу 6.000 и 10.000 калории на ден.

По стартот во Чикаго, Вилкокс возеше до Њујорк и оттаму со авион стигна во Португалија. Неколку недели возеше до Амстердам, па низ Германија се спушти до Балканот и потоа продолжи низ Турција и Грузија. Потоа леташе до Австралија и таму возеше од Перт долж јужниот брег до Бризбејн, од каде што со авион дојде во Нов Зеланд. Откако ги помина двете држави, со авион се врати во САД, каде што продолжи со возењето.

Иако нејзиниот рекорд е означен како возење низ светот, правилата на Гинис бараат само возачите да почнуваат и завршуваат на истото место, секогаш патувајќи во иста насока.

(Фото: Чикаго трибјун)