Ѕвездата на американскиот фудбал Патрик Махомс го продолжи договорот со шампионот Канзас Сити чифс за 10 години, за што ќе му припаднат 503 милиони долари. Американските медиуми објавија дека ова е најбогатиот договор во историјата на спортот, а Махомс го опишаа како прв спортист од половина милијарда долари.
Дваесет и четиригодишниот квортербек беше прогласен за најдобар играч на Супербоулот во февруари, кога го предводеше Канзас Сити до првата титула во НФЛ по 50 години пауза.
„Кралството Чифс, ти беше со мене од почеток, од мојата дебитантска година. Сега градиме династија“, напиша Махомс на Твитер.
Откако беше избран како 10. пик на драфтот во 2017, тој наредната година беше прогласен за најкорисен играч во НФЛ, во својата прва полна сезона во лигата.
Најбогатиот договор досега го имаше бејзбол играчот Мајк Траут, вреден 426,5 милиони долари.