АНА КУРНИКОВА И ЕНРИКЕ ИГЛЕСИЈАС ДОБИЈА БЛИЗНАЦИ ВО НАЈГОЛЕМА ТАЈНОСТ

Мајами, (Дејли мејл)

Ана Курникова и Енрике Иглесијас станаа родители на близнаци.

Поранешната тениска ѕвезда и поп-пејачот цело време ја држеле во тајност бременоста и бебињата, именувани Николас и Луси, се родиле викендов во Мајами, објави сајтот ТМЗ.

Курникова и Иглесијас се една од најдолговечните славни двојки, откако се запознаа на снимањето на спот во 2001 година. Сепак, тие никогаш не се венчаа.

Двајцата успешно ја чуваа врската подалеку од очите на јавноста, па не беа видени заедно повеќе од една година.

Во интервјуто за „Сан“ ова лето, Иглесијас кажа дека иако долго време се заедно, тие немаат планови да прават свадба.

„Ние веќе живееме живот на венчана двојка на многу начини. Многу сме среќни. Толку време сме заедно што веруваме дека сме венчани. Единствената разлика е што не ѝ ја побарав раката. Дали си венчан или не, не кажува колку го сакаш својот партнер“, изјави Иглесијас.