Карло Анчелоти стана најтрофејниот тренер во историјата на Реал Мадрид по вчерашниот триумф на првото издание на Интерконтиненталниот куп на ФИФА. Реал ја совлада Пачука во финалето во Катар со 3:0, што е 15. трофеј за Анчелоти како тренер на „кралскиот клуб“.
Италијанскиот стручњак притоа го надмина Мигел Муњос, кој освои 14 титули од 1960 до 1974 година. Во два мандата како тренер на Реал, прво од 2013 до 2015, па од 2021 наваму, Анчелоти освои и три титули во Лигата на шампионите, две во домашното првенство, две во Кралскиот куп, две во Шпанскиот Суперкуп, три во Европскиот Суперкуп и две на Светското клупско првенство.
„Многу сум среќен, ова е успех“, кажа Анчелоти по мечот со Пачука.
Тој е единствениот тренер кој бил шампион во петте најсилни лиги во Европа: во Шпанија со Реал Мадрид, во Италија со Милан, во Германија со Баерн, во Англија со Челзи и во Франција со ПСЖ. Исто така е единствениот со пет титули во Лигата на шампионите, што двапати ја освои и со Милан.
(Фото: АП)