Алисон Феликс, најтрофејната атлетичарка на сите времиња, разбира со какви предизвици се соочуваат мајките-спортистки. Пензионираната спринтерка, која е мајка на две деца, сака да го искористи своето искуство за да им обезбеди подобра поддршка на олимпијките за време на претстојните Олимписки игри во Париз.
Во соработка со „Памперс“, Феликс ја создаде првата градинка во Олимпиското село, каде што спортистките ќе можат да се поврзуваат, да се играат и да ги дојат своите деца и на тој начин малку да се растоварат од притисокот што го носат натпреварувањата.
„Знам колку ми беше тешко да се натпреварувам на врвно ниво откако ја добив ќерка ми, а некои практични работи беа навистина тешки. Кога се приклучив на Спортската комисија на Меѓународниот олимписки комитет, навистина сакав да бидам тој глас на мајките-спортистки и да им олеснам да не мора да се грижат за таа една работа додека се натпреваруваат“, рече Феликс.
Градинката ќе се наоѓа во срцето на Олимпиското село, каде што живеат спортистите за време на ОИ.
„Тоа ќе биде место каде што спортистките ќе можат да имаат приватно време со своите бебиња“, кажа Феликс, која има освоено 20 медали на светските првенства и 11 на Олимписките игри.
Париз ќе биде првата Олимпијада во последните 20 години на која што Феликс нема да се натпреварува, туку ќе биде во друга улога.
„Доаѓам со целото семејство и ќе можам да ги гледам игрите со помалку нервоза“, рече таа.