БЕБЕТО ЈАМАЛ ВО РАЦЕТЕ НА МЕСИ – ЗАБОРАВЕНИ ФОТОГРАФИИ СЕ ПОЈАВИЈА ВО ЈАВНОСТ ПО 17 ГОДИНИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Во 2007, младиот Лео Меси позирал за фотографии со бебе во соблекувалната на „Камп ноу“ во Барселона за потребите на хуманитарен календар. Тогаш 20-годишниот Меси веќе стануваше големо фудбалско име, но фотографот не можел да знае дека целиот свет ќе збори и за тоа бебе 17 години подоцна.

Бебето кое Меси го бањал е Ламине Јамал, 16-годишниот суперталент на Барселона, кој растура на Европското првенство во Германија. Со 16 години и 362 дена, шпанскиот репрезентативец вчера стана најмладиот стрелец во историјата на ЕП, постигнувајќи чудесен гол против Франција во полуфиналето.

Заборавената фотографија се појави во јавност откако таткото на Јамал ја објави на Инстаграм минатата недела, со текст „Почетокот на две легенди“. Фотографиите ги снимил Хоан Монфорт, кој работи како повремен фотограф за новинската агенција АП.

Фотографијата се појави во јавност откако таткото на Јамал ја објави на Инстаграм минатата недела (Фото: АП)

„До снимањето дојде откако УНИЦЕФ организираше лотарија во градот Матаро, каде што живееше семејството на Ламине. Тие се пријавија за лотаријата која нудеше фотографирање со играч на Барселона на ‘Камп ноу‘. И победија“, раскажа Монфорт, додавајќи дека Меси бил доста срамежлив на фотосесијата.

Јамал е роден во Каталонија во 2007. Неговиот татко е од Мароко, а мајка му од Екваторијална Гвинеја. Кога имал седум години, се преселиле во Барселона, каде што почнал да игра фудбал.

Откако заигра за Барселона, Јамал собори неколку рекорди на Меси, како најмлад стартер и стрелец во историјата на клубот и најмлад стрелец во шпанското првенство. За шпанската репрезентација дебитираше лани, на возраст од 16 години и 57 дена, што исто така е рекорд.

(Фото: АП)