БРАТСКИ РИВАЛСТВА ПОТТИКНАА АМЕРИКАНЕЦ ДА ПОСТАВИ НАД 180 ГИНИСОВИ РЕКОРДИ

Њујорк, (Гардијан)

Американецот Дејвид Раш поставил повеќе од 180 Гинисови рекорди откако конечно успеал да им покаже на своите двајца браќа дека може да биде подобар од нив во нешто.

Во интервју за „Вашингтон пост“, Раш, кој работи како мотивациски говорник, се присети дека редовно завршувал втор или трет кога се натпреварувал со своите постари браќа во фудбал, пинг-понг и пливање додека растеле во Ајдахо. Кога конечно победил еден од нив во пливање, тоа кај него поттикнало натпреварувачки дух кој трае до денес и кој го направил најплоден Гинисов рекордер на светот.

Дваесет и деветгодишниот Раш неколку години работел во технолошката индустрија пред да почне кариера на мотивациски говорник. Решил да започне да соборува некои од 40.000 Гинисови рекорди затоа што мислел дека така може да ја промовира важноста на науката, технологијата, инженерството и математиката во образованието.

Првиот рекорд го поставил во 2015 кога жонглирал со врзани очи шест и пол минути, што потоа го зголемил на повеќе од еден час. Други негови рекорди се фаќање на 59 колачиња во уста за помалку од минута и балансирање на 101 ролна тоалетна хартија на главата. Сите негови рекорди се потврдени од Гинисовата книга, последниот 181. во јануари годинава.

Иако Гинис не води евиденција кој има соборено најмногу рекорди, Раш тврди дека тој го надминал досегашниот рекордер Силвио Саба од Италија, кој истовремено држел 180 рекорди.

(Фото: Вашингтон пост)