БРИТАНЕЦ ГО „ИСКАЧИ“ МОНТ ЕВЕРЕСТ ОДЕЈЌИ ПО СКАЛИТЕ ВО СВОЈАТА КУЌА

Лондон, (Ројтерс)

Домашна изолација им дава на луѓето инспирација за чудни подвизи, па така еден британски тркач ја искачи височината на Монт Еверест одејќи по скалите во својата куќа во Вест Сасекс, јужна Англија.

На 53-годишниот Џон Грифин му требале четири дена за да направи 1.363 искачувања во трикатната куќа (вкупно 40.846 скали), што е рамно на 8.850 метри, колку што е висок највисокиот врв на светот. Тој дневно поминувал најмалку шест и пол часа во одењето нагоре-надолу, а неговиот напредок бил следен преку компјутер.

„Најмногу ме исцрпи тоа што цело време гледав едни исти скали“, изјави Грифин.

Тој не почувствувал никакви физички проблеми сѐ до третиот ден, кога почнало да го боли колено, но успеал да го доврши предизвикот по вкупно 29 часови качување. Кога завршил, на покривот го чекало семејството.

„Тогаш добив чувство дека сум постигнал нешто. За жал, поради социјалното дистанцирање, ние бевме единствените луѓе на целта“, изјави Грифин.

Неговиот потфат имаше и хуманитарен карактер, бидејќи на овој начин тој собираше пари за банки за храна во Велика Британија.