БРИТАНСКАТА ЕКОНОМИЈА ЌЕ ЗАРАБОТИ 500 МИЛИОНИ ФУНТИ ОД СВАДБАТА НА ХАРИ И МЕГАН

Лондон, (Сан)

Венчавката на принцот Хари и Меган Маркл, закажана за 28 мај, ќе ѝ донесе на британската економија приход од половина милијарда фунти, предвидуваат експертите.

Илјадници гости од целиот свет се очекува да пристигнат во Лондон за венчавката во капелата Свети Џорџ во Виндзор, а огромна бројка луѓе ќе го следи настанот преку телевизија.

Консултантската фирма „Бренд фајненс“ проценува дека венчавката ќе ѝ донесе голем профит на Британија преку порастот на туризмот, придружено од купување сувенири и посети на угостителски објекти.

Според нив, вредноста на таканаречениот „ефект Кејт“, неофицијалниот бренд на кралското семејство, изнесува 200 милиони фунти годишно.

„Меган и Хари се многу популарни, зборуваме за приход од околу 500 милиони. За свадбата на Вилијам и Кејт имаше 350.000 туристи, а на одбележувањето на нивната прва годишнина – 800.000“, вели Дејвид Хеј од „Бренд фајненс“.

Имајќи го предвид погламурозното холивудско минато на идната војвотка, се очекува „ефектот Меган“ да носи уште поголеми приходи.

Кралското семејство објави дека само ќе ја плати свадбата и иако до неа остануваат повеќе од пет месеци, во хотелите во Виндзор веќе има голем број резервации.

Четиринаесет американски телевизии ја покриваа свадбата на Вилијам и Кејт во 2011 година и се очекува оваа бројка сега да биде и поголема, имајќи го предвид потеклото на Маркл.