Бритни Спирс објави дека се свршила со своето долгогодишно момче Сем Асгари. Ова следува само неколку дена откако татко ѝ Џејми поднесе документи во суд во Лос Анџелес за прекин на старателството, преку кое ги контролираше нејзините личен живот и финансии во изминатите 13 години.

Спирс неодамна откри дека согласно условите од овој договор, таа не смеела да се омажи за Асгари и да има уште деца.

Поп ѕвездата и Асгари се запознаа во 2016 година на снимањето на музички спот. Дваесет и седумгодишниот Асгари е личен тренер и актер, кој има потекло од Иран.

Спирс (39) досега двапати беше мажена: прво за пријателот од детството Џејсон Александер, а потоа со танчарот Кевин Федерлајн, со кого има две деца. Тие се разведоа во 2007 година.