ЧАРЛИ ШИН СЕ ПОФАЛИ ДЕКА ЕДНА ГОДИНА Е ТРЕЗЕН

Лос Анџелес, (Пипл)

Лошото момче на Холивуд Чарли Шин прославува важен јубилеј.

Педесет и тригодишниот актер се пофали на Твитер дека е трезен една година, а како доказ за тоа го приложи медалот добиен од Друштвото на анонимни алкохоличари.

„Ова се случи вчера! Неверојатен момент на моето обновувачко патување. Останувам тотално фокусиран“, напиша Шин под фотографијата.

Шин долги години ги полнеше страниците на жолтиот печат со своето скандалозно однесување, поттикнато од неумерено консумирање алкохол и дроги, а зад себе има и неколку неуспешни обиди за рехабилитација. Во ноември 2015, тој јавно призна дека е ХИВ-позитивен, по што почна да ги менува животните навики.

Во јануари 2016, Шин кажа дека веќе не пие алкохол.

„Сега секое утро играм кошарка, пливам во базен и вежбам јога. Иако сѐ уште пушам цигари, за алкохол веќе нема место во мојот живот“.