ЧЕЛЗИ ГО НАГРАДИ ТРЕНЕРОТ ТУХЕЛ СО НОВ ДОГОВОР

Лондон, (Би-Би-Си)

Тренерот на Челзи, Томас Тухел, го продолжи договорот до летото 2024, шест дена откако го предводеше клубот до втората титула во Лигата на шампионите.

Четириесет и седумгодишниот германски стручњак доби 18-месечен договор кога дојде во јануари како замена за Френк Лампард и по триумфот во Порто во саботата изјави дека очекува тој да биде продолжен. Тој тогаш првпат се запозна со газдата Роман Абрамович.

Тухел го презеде клубот додека беше деветти во Премиерлигата, за потоа да оствари 19 победи на 30 средби и стигне до финалето на ФА купот, каде што изгуби од Лестер.

„Не можам да замислам подобра пригода за продолжување на договорот. Среќен сум што останувам дел од семејството Челзи. Доаѓаат уште многу работи“, изјави Тухел.