Во Венеција пристигна првиот крузер од почетокот на пандемијата пред 17 месеци, и покрај тоа што на вакви пловила им е забранет влез во историскиот центар на градот. „МСЦ оркестра“ дојде празен од грчкото пристаниште Пиреј и утре ќе собере 650 патници, кои ќе тргнат на патување по Медитеранот.

И додека еколошките активисти подготвуваат протест, зашто, како што велат, големите бранови од крузерите ги поткопуваат темелите на историскиот град, утре ќе се одржат и ривалски демонстрации за поддршка на обновувањето на туристичката сезона.

Во исто време, јавни личности како Мик Џегер и Френсис Форд Копола потпишаа отворено писмо, во кое бараат комплетна забрана за пристанување на големи пловила во Венеција,

„Градот ризикува да биде однесен од крузерите“, се вели во писмото.

Италијанската влада во март објави дека крузерите веќе нема да смеат да пристануваат во историскиот центар на Венеција, туку во индустриското пристаниште, но засега не е обезбедна инфраструктура за тоа.