Актерката Весна Петрушевска е лауреат на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Денови на комедија 2025“ во Куманово. Наградата ќе ѝ биде врачена на отворањето на фестивалот на 24 септември во големата сала на Центарот за култура во Куманово.
„Најтешката форма е комедијата од аспект на актерска игра. Неверојатно е чувството кога ќе ти оддадат едно вака големо признание затоа што станува збор за фестивал кој го негува овој жанр. Сум играла пред кумановската публика безброј пати и тоа е публика која знае да слуша и да те награди со аплауз само кога е заслужено. Пресреќна сум и благодарна. Башка, многу е добро чувството кога си во друштво на претходните лауреати, како Чоре (Благоја Чоревски), кој ми се јави и ми кажа: ‘Бејби, преубаво е кога ќе се сетат на тебе и ќе те испочитуваат. Браво, ова е една од најголемите награди‘”, ни рече Весна Петрушевска.
Фестивалот и Советот на фестивалот во состав Сања Русеска, Владанка Крстевски, Сефедин Шабани, Крсто Богојевски и Александар Крстевски ќе ѝ ја додели на Петрушевска наградата „Васил Иљоски“ за особен придонес во театарската уметност, посебно во делот на комедијата.
Ланскиот лауреат беше Сашко Коцев, кој тогаш ни рече дека му е драго што добива награда од театарот во неговиот роден град, каде што почнал.
„Како што е најтешко да се игра пред домашна публика, најтешко е и да се добие награда од неа. Не дека таа не те почитува, туку ги знае сите твои слабости, знае каде си почнал и како си стигнал дотаму“, ни рече Коцев во 2024.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. ПОПОВ