Теквондистот Дејан Георгиевски ни малку скромно вети медал пред почетокот на Олимписките игри во Токио, во спортот во кој никогаш досега не сме имале претставник на олимпијадите и денеска го исполни тоа.

Во финалето на категоријата до 80 килограми, 22-годишниот скопјанец попладнево беше поразен од Русинот Владислав Ларин со 15:9 и освои сребро, што е прв олимписки медал за Македонија во последните 21 година.

Во полуфиналето го совлада вториот фаворит Кјо Дон Ин од Јужна Кореја

„Во Токио ќе бидат најдобрите 16-мина во мојата категорија, конкуренцијата ќе биде пеколна. Јас сум сигурен дека секого можам да победам и ветувам дека ќе донесам медал од Токио“, порача Георгиевски пред заминувањето за Јапонија.

Листата теквондисти кои ги победи е навистина импресивна. Иако рангиран на 14. место, Георгиевски на патот до финалето ги елиминираше светскиот првак од Куба, Рафаел Јуниер Алба Кастилјо (11:8), Сајду Гбане од Брегот на Слоновата Коска (9:4) и вториот фаворит Кјо Дон Ин од Јужна Кореја (12:6).

Георгиевски е роден во 1999 во Скопје и е член на теквондо клубот Бутел. Својот голем потенцијал го најави уште во 2017, кога стана европски првак, а лани се закити со европско сребро. До Олимписките игри во Токио стигна преку квалификацискиот турнир во Софија.

Г. КОНЕВ