УНЕСКО ЈА СТАВИ 2.300 ГОДИНИ СТАРАТА СОНЧЕВА ОПСЕРВАТОРИЈА ВО ПЕРУ НА ЛИСТАТА НА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО

Лима, (Гардијан)

Најстарата сончева опсерваторија на американските континенти е додадена на листата на светско наследство на УНЕСКО, при што беше опишана како ремек-дело на човечката креативна генијалност.

Археолошката руина Чанкилјо, стара 2.300 години, се наоѓа во пустинска долина во северниот дел на Перу. Тринаесетте камени кули кои се наредени на гребен се најпознатиот дел од древниот локалитет, кој датира од периодот меѓу 250 и 200 година пред нашата ера. Кулите функционираат како календар, при што со помош на лаковите на изгревањето и заоѓањето на сонцето се обележуваат не само рамнодениците, краткоденицата и долгоденицата, туку и се дефинира точното време од годината.

Тринаесетте кули кои функционираат како календар

„Ова е единствената опсерваторија од древниот свет за која се знае дека е целосен годишен сончев календар. Не постои ништо слично во Америка и светот. Древната цивилизација на Перу ја практикуваше најсофистицирната астрономија во своето време“, изјави Иван Гези, директорот на Чанкилјо.

Археолозите веруваат дека локалитетот бил напуштен во почетокот на првиот век и главно бил заборавен до 19. век. Човечки остатоци не се пронајдени на местото и малку се знае за културата која живеела тука.