ДЕЈАН КУЛУШЕВСКИ СО ТРАНСФЕРОТ ВО ЈУВЕНТУС СТАНА НАЈСКАП ФУДБАЛЕР СО МАКЕДОНСКО ПОТЕКЛО ВО ИСТОРИЈАТА

Торино, (УЕФА)

Паралелно со враќањето на Златан Ибрахимовиќ во Милан, младиот шведски репрезентативец со македонско потекло Дејан Кулушевски синоќа и официјално стана член на Јувентус откако потпиша четири и полгодишен договор, со тоа што на новиот клуб ќе му се придружи дури на лето.

Деветнаесетгодишниот Кулушевски ќе ја доигра сезоната во дресот на Парма, која за овој трансфер ќе добие 35 милиони евра, што со бонуси би можело да порасне до 44 милиони. Според договорот, неговата плата во Јувентус ќе биде 2,5 милиони евра по сезона. Овие бројки го прават Кулушевски најскап фудбалер со македонско потекло во историјата. Од репрезентативците, тоа е Елиф Елмас, чиј трансфер од Фенербахче во Наполи изнесуваше околу 15 милиони евра.

Кулушевски на своето деби за шведската репрезентација во ноември (Фото: Гети)

Кулушевски, чии родители се Македонци, е роден на 25 април 2000 во Велингби, предградие на Стокхолм и од шестгодишна возраст се обучувал во фудбалската школа на Бромапојкарна. Оттаму во 2016 се пресели во италијанскиот прволигаш Аталанта, за која во Серија А одигра само 103 минути на три натпревари, пред да биде позајмен во Парма летоска. Оваа сезона, тој има скор од четири гола и седум асистенции на 17 средби и освен Јувентус, ги заинтересира и Интер и Манчестер јунајтед.

Првата репрезентација на Кулушевски, сепак, беше Македонија (до 17 години), но во 2015 ја избра Шведска, за чија сениорска селекција дебитираше во ноември, на квалификациската средба со Фарски Острови.

„Роден сум во Шведска и тука го поминав целиот живот. Тоа беше тешка одлука, но, сепак, исправна“, изјави Кулушевски за шведските медиуми.

И тој не крие дека негов голем идол е Ибрахимовиќ.

„Тој е идол на сите шведски фудбалери, а особено на нас, децата на иселеници“.