Пијанистката и професорка Даница Стојанова одржа пијано рецитал во Ерменската католичка катедрала „Сурп Левон“ во Истанбул. Стојанова вели дека концертот бил богато музичко патување низ различни епохи.
Пред бројната публика, таа изведе дела од Томислав Зографски, Николај Медтнер, Јана Андреевска, Благој Цанев и Енрике Гранадос.
Од Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул велат дека Стојанова одржала концерт за восхит.

„Искрено ѝ благодариме на Даница Стојанова што со својата уметност ја претстави македонската музичка традиција пред истанбулската публика и ни подари вечер што ќе остане во сеќавање. Нејзините виртуозност, чувство за музичка мисла и суптилна емоција, што ја пренесе преку секој тон, ја исполнија концертната вечер со посебно внимание и восхит“, велат од Центарот.
Стојанова е искусна пијанистка и музички педагог. Настапувала на бројни сцени низ Европа, Азија и Америка и има добиено повеќе домашни и меѓународни награди и признанија. Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.