ДЕН БРАУН ПРВПАТ НАПИША КНИГА ЗА ДЕЦА И СНИМИ МУЗИЧКИ АЛБУМ ЗА НЕА

Њујорк, (АП)

Авторот на светскиот бестселер „Кодот на Да Винчи“, Ден Браун, за првпат напиша книга за деца. „Wild Symphony“ ќе излезе на 1 септември и ќе биде придружена од албум со класична музика, што е негово прво официјално музичко издание откако ја почна писателската кариера.

Издавачката куќа „Родејл кидс“ објави дека „маестро Глушец ќе ги носи читателите на забавно искуство додека ги посетува своите пријатели мајмуни, кенгури, слонови и китови“.

„Сакам да раскажувам приказни и секогаш се обидувам моите романи да ткаат различни теми. Таа идеја ја развив со оваа книга така што симултано користев три јазици: уметност, музика и зборови. ‘Wild Symphony’ во исто време ќе биде празник за очи, уши и за умот“, изјави американскиот писател, познат по романи исполнети со криптографија, симболи, кодови и теории на заговор.

Неговите книги се преведени на повеќе од 55 јазици и заклучно со 2012 година, продадени во повеќе од 200 милиони примероци.