ЏИНА МИЛЕР – ЖЕНА КОЈА ПОНИЖИ ДВАЈЦА БРИТАНСКИ ПРЕМИЕРИ

Лондон, (Гардијан)

Џина Милер го повика Борис Џонсон да ги отвори вратите на парламентот откако извојува уште една голема победа за демократијата во Велика Британија, оспорувајќи клучни одлуки на двајца премиери.

Милер е 54-годишна британска бизнисменка со индиско потекло на чија иницијатива прво беше спречен обидот на Тереза Меј да го спроведе брегзит без одобрување од парламентот, а сега го оспори потегот на Џонсон да го суспендира парламентот.

Неполн месец откако Милер поднесе барање да се испита оваа одлука, Врховниот суд на Велика Британија денеска пресуди дека пророгацијата била незаконска, со што парламентот уште утре би требало да продолжи со работа.

Милер стана позната на пошироката јавност во 2016 година кога судски ја предизвика владината одлука да го активира Членот 50 без одобрение на парламентот и Врховниот суд пресуди во нејзина корист во јануари следната година. Таа потоа стана омразена фигура меѓу голем број приврзаници на брегзит и почна да добива и смртни закани, додека Британија никако да излезе од политичкиот хаос, но и од Европската Унија.

Милер е основач и води интернет бизнис и хуманитарна фондација и во 2017 беше прогласена за највлијателна црна личност во Британија.