ЏОНИ ДЕП ГО ИЗГУБИ СУДСКИОТ СПОР ЗА ТВРДЕЊАТА ДЕКА ЈА ТЕПАЛ БИВШАТА СОПРУГА АМБЕР ХРД

Лондон, (Би-Би-Си)

Џони Деп го изгуби судскиот спор со весникот „Сан“, во врска со текстот во кој беше наречен тепач на жени. Холивудската ѕвезда го тужеше весникот за тврдењата дека физички ја нападнал бившата сопруга Амбер Хрд, што тој го негира.

„‘Сан‘ успеа да докаже дека тврдењата од текстот се суштински точни“, изјави судијата, додавајќи дека се потврдила точноста на 12 од 14-те наводни инциденти на домашно насилство.

Адвокатот на Деп ја опиша пресудата како перверзна и најави жалба. Судскиот процес траеше 16 дена и се одржа во јули во Лондон.

Обвинувањата против Деп датираат од периодот од 2013 до 2016 година, кога двојката се раздели. Судијата нагласи три инциденти, во кои, како што беше кажано, Хрд стравувала за својот живот.

„Земајќи ги предвид сите докази, прифаќам дека таа била жртва на повеќе напади од страна на Деп“, кажа судијата.