ШКОТЛАНЃАНКА ЌЕ ОТВОРИ МУЗЕЈ СО ПЛАСТИЧНИ КЕСИ ОД ЦЕЛ СВЕТ

Глазгов, (АФП)

Шкотланѓанката Катрина Кобејн две години е колекционер на пластични кеси и планира да отвори музеј. За неа, тоа се историски предмети, кои ја претставуваат прекумерната потрошувачка во 20. и 21. век.

Дваесет и четиригодишната Кобејн вели дека секоја пластична кеса раскажува приказна од модерното доба.

„Идејата за колекционерство почна затоа што почувствував дека депониите може да бидат археолошки наоѓалишта на иднината и за нашата цивилизација, тие ќе бидат исполнети со пластика. Тие откриваат толку многу информации за изминативе 60 години во смисла на потрошувачката и социјалната историја“, вели таа за АФП.

Кога ја проширила веста дека сака да основа музеј, почнала да добива кеси од цел свет, меѓу кои и експонати од поранешниот Советски Сојуз. Има и примероци со принт на суперсоничниот патнички авион „конкорд“ и од свадбата на Чарлс и Дијана во 1981.