ГОЛЕМИ КОНЦЕРТИ СЕ МОЖНИ И ВО ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА, НО ПОД ОДРЕДЕНИ УСЛОВИ, ЗАКЛУЧИ ГЕРМАНСКО ИСТРАЖУВАЊЕ

Хале, (Дојче веле)

Токму во периодот кога Германија повторно делумно се затвори, Универзитетот во Хале ги објави резултатите од своето истражување, кои заклучуваат дека е можно да се организираат големи настани во затворено и во пандемијата на коронавирусот. Во него се изнесуваат неколку клучни услови под кои тие би морале да се одржуваат:

  • задолжително носење маска цело време
  • салата не смее да биде целосно пополнета
  • публиката мора да седи и притоа секое второ седиште треба да биде празно
  • мора да има стјуарди за хигиена кои ќе го контролираат почитувањето на правилата
  • мора да има повеќе опции за влез и излез за да не се прават гужви
  • најважниот услов е да има добра вентилација во салата.

Овие заклучоци произлегоа од единствениот експеримент на светот што универзитетот го спроведе на 22 август во арената во Лајпциг, каде што германскиот пејач Тим Бенѕко одржа три концерти во различни услови пред 1.500 посетители-доброволци. Притоа се испитуваше како коронавирусот се шири на големи собири, со цел да се откријат начини како да се заштитат луѓето од зараза на културни настани.

„Да, и за време на пандемија е можно да се одржуваат големи манифестации, како концерти. Најважно е просториите во кои што се одржуваат да имаат соодветен систем на вентилација. Тоа е основата, без тоа не можеме да зборуваме за ништо друго“, вели водачот на истражувањето Штефан Мориц, шефот на Инфективната клиника во Универзитетската болница во Хале.