ДИЗАЈНЕРКАТА НЕНСИ ГОНЗАЛЕС ДОБИ 18 МЕСЕЦИ ЗАТВОР ЗА ШВЕРЦ НА ЧАНТИ НАПРАВЕНИ ОД КОЖА НА ПИТОНИ И АЛИГАТОРИ

САД, (Би-Би-Си)

Колумбиската дизајнерка Ненси Гонзалес е осудена на 18 месеци затвор откако се изјасни за виновна за шверц на чанти направени од кожа на заштитени рептили. Гонзалес (71), која правеше чанти и за серијата „Сексот и градот“ и за Бритни Спирс, прекрши меѓународен договор со илегален увоз на чанти направени од кајмани и питони.

И Колумбија и САД се потписници на Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на дива фауна и флора (ЦИТЕС), која штити и питони и кајмани, кои се вид алигатор. Трговијата со кајмани и питони не е забранета, но е строго регулирана според правилата на ЦИТЕС.

Ненси Гонзалес правеше чанти и за серијата „Сексот и градот“ (Фото: Инстаграм)

Гонзалес никогаш не ги обезбедила потребните дозволи за увоз што ги барале регулаторите. Од февруари 2016 до април 2019 таа регрутирала пријатели, роднини и вработени да ги транспортираат торбите со патнички авиони во САД, пред да ги испрати во нејзиниот изложбен салон во Њујорк.

Чантите ги носеле и Викторија Бекам и Салма Хајек и биле вклучени во изложба во музејот Метрополитен во Њујорк во 2008. Гонзалес беше уапсена во Кали, Колумбија во 2022, по што беше екстрадирана во САД за да се соочи со обвиненијата.