Непланиран голем експеримент ја менува Земјата.
Додека луѓето низ светот седат дома за да се спречи ширењето на коронавирусот, воздухот се прочисти за кратко време: смогот престана да го задушува Њу Делхи, еден од најзагадените градови на светот, загаденоста со азот диоксид во северозападниот дел на САД се намали за 30%, а аерозагадувањето во Рим е помало за 49% во споредба со март-април 2019.
Освен почиста, Земјата стана и подива, па животни почнаа да се забележуваат таму каде што обично не доаѓаат. Така којоти се снимени во центарот на Чикаго и во близина на мостот Голден Гејт во Сан Франциско, шакали во урбан парк во Тел Авив, пума во Сантјаго (Чиле), кенгур во центарот на Аделаида, а дивокози окупираа гратче во Велс, спуштајќи се од околните планини.
„Сега конечно можеме да видиме колкав хаос ние луѓето правиме од нашата прекрасна планета. Ова ни дава можност магично да видиме колку подобро може да биде. Животните не ни прават инвазија. Дивиот свет отсекогаш е тука, но повеќето животни се плашливи. Тие излегуваат кога луѓето ги нема наоколу“, вели Стјуарт Пим, научник од областа на конзервација од Универзитетот Дјук.
И научниците се принудени да седат дома, а велат дека едвај чекаат да ги истражат неочекуваните промени во растителниот и животинскиот свет, временските шаблони и во загадувањето. Италијанската влада веќе работи со океанска експедиција за да се утврдат промени во морето поради отсуство на луѓе.
„Воздухот од Бостон до Вашингтон е најчист откако сателит на НАСА почна да мери азот диоксид во 2005 година“, вели Бери Лефер, научник од НАСА.
Во споредба со претходните пет години, аерозагадувањето во март било помало за 46% во Париз, 38% во Сиднеј, 29% во Лос Анџелес, 26% во Рио де Жанеиро и 9% во Дурбан, Јужна Африка, покажуваат податоците на НАСА.
„Сега гледаме што може да се случи ако се префрлиме на возила што не загадуваат“, смета Лефер.