ДОСТАВА НА ПУКАНКИ – НОВ НАЧИН ЗА ЗАРАБОТКА НА БЕЛГИСКИ СИНЏИР НА КИНА

Брисел, (Ројтерс)

Белгискиот синџир на кина „Кинеполис“ почна со достава на пуканки низ земјата, со цел да ги намали загубите од неработењето поради ковид пандемијата.

Филмската индустрија е една од најпогодените во коронакризата, а филмските студија постојано ги одложуваат премиерите или ги прикажуваат новите филмови на стриминг платформите. Затоа групациите на киносали се вртат кон други начини на заработка.

„Кинеполис“, кој има над 100 сали во Европа и Северна Америка, за првпат во 13 години бележи загуби, кои стигнаа до 68 отсто.

„Размислуваме за нови иницијативи, како, на пример, кино на отворено, достава на пуканки до дома или специјални приватни проекции. Идејата за пуканките ја добивме од муштерија од Канада, кој дојде на каса и побара да купи пуканки без билет за филм“, вели директорот Еди Дукејн.

Тој верува дека со ваква достава ќе имаат голем успех, „бидејќи имаат гладни муштерии во карантин“.