ЕЛИЗАБЕТА ВТОРА СТАНА МОНАРХ СО ВТОР НАЈДОЛГ СТАЖ ВО ИСТОРИЈАТА

Лондон, (Би-Би-Си)

Елизабета Втора стана вториот најдолговечен монарх во историјата. Од денеска, таа е на британскиот престол 70 години и 127 дена, со што го надмина тајландскиот крал Бумибол Адулјадеџ, кој почина во 2016.

Пред Елизабета останува само Луј Четиринаесетти, кој станал крал на Франција на четиригодишна возраст и владеел 72 години и 110 дена, од 1643 до 1715. Сепак, тој самостојно почнал да владее дури откако наполнил 20 години.

Минатата недела, Велика Британија четири дена го одбележуваше платинестиот јубилеј на кралицата. Таа дојде на тронот на 25 години, по смртта на татко ѝ на 6 февруари 1952 и во септември 2015 стана британски монарх со најдолг стаж во историјата, надминувајќи ја својата прапрабаба, кралицата Викторија.