Музичката легенда Елтон Џон изјави дека целосно го изгубил видот откако не успеал да заздрави од очна инфекција. Седумдесет и седумгодишниот Џон беше во лондонскиот Вест Енд на премиерата на мјузиклот „Ѓаволот носи Прада“, за кој ја напиша музиката и во емотивен говор по завршувањето на претставата кажа дека изведбата му звучела добро, но не можел да ја гледа.
„Како што некои од вас знаат, имав проблеми и сега го изгубив видот. Не можев да ја гледам претставата, но уживав. Сакам да ја слушам“, изјави Џон и му се заблагодари на својот сопруг Дејвид Фурниш, за кого кажа дека е негова карпа.
Тој неодамна откри дека го изгубил видот на десното око поради што не е во можност да го заврши својот нов албум.
„Помина некое време откако сработив нешто на новиот албум. Има надеж и охрабрување дека ќе биде во ред, но моментално сум заглавен“, кажа Џон, кој лани ја заврши својата петгодишна проштална турнеја.
(Фото: АП)