ЕМА МЕККИОН Е КРАЛИЦАТА НА ТОКИО – ПРВА ОСВОИ СЕДУМ МЕДАЛИ НА ЕДНИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ОД 1952

Токио, (АП)

Австралиската пливачка Ема Меккион ќе биде кралица на Олимписките игри во Токио откако го заврши својот настап со дури седум освоени медали: четири злата и три бронзи. Таа е првата пливачка и само втора спортистка во историјата која се закитила со седум медали на едни Олимписки игри, по советската гимнастичарка Марија Гороховскаја во Хелсинки во 1952 година.

Со вкупно 11 медали, Меккион стана и најтрофејната австралиска олимпијка во историјата, надминувајќи ги Ијан Торп и Лизел Џонс.

„Никогаш не сум се осврнувала на вакви статистики. Тоа е голема чест, зашто знам колку напорно сум работела за тоа“, вели 27-годишната Меккион.

Таа потекнува од пливачко семејство и заедно со брат ѝ Дејвид настапија на претходните Олимписки игри во Рио. Таму освои едно злато, две сребра и една бронза.

Меккион се придружи на малата група пливачи кои освоиле седум или повеќе медали на едни ОИ, а во која се само уште Мајкл Фелпс, Марк Шпиц и Мет Бјонди.