Ресторанот „Серендипити 3“ во Њујорк веќе го држи светскиот рекорд за најскап хамбургер (295 долари) и за најскап куп сладолед (1.000 долари), а сега во својата понуда го има и најскапиот помфрит на светот. Ова и официјално беше потврдено од Гинисова книга на рекорди на 13 јули, а неговата цена е 200 долари.

„‘Серендипити‘ е навистина среќно место. Луѓето доаѓаат тука да слават и да избегаат од реалноста на животот“, изјави креативниот директор и готвач Џо Калдероне.

Помфритот „Creme de la Creme“ се бланшира во оцет и шампањ, по што се пржи во чиста гускина маст и тоа не еднаш, туку двапати. На тој начин станува крцкав однадвор, а мек одвантре. Потоа се попрскува со прехранбено злато и се зачинува со масло и сол од тартуфи. Се служи на кристална чинија со орхидеја, тенко сецкани тартуфи и со макало од кашкавалот „Морне“.

„Тартуфите се главната ѕвезда тука“, додава Калдероне.