Кристијан Ериксен е повикан во репрезентацијата на Данска за првпат откако доживеа срцев удар на Европското првенство во јуни. На 30-годишниот Ериксен, кој во јануари потпиша за англискиот премиерлигаш Брентфорд, му беше вграден кардиовертер дефибрилатор, еден вид пејсмејкер, откако колабираше на натпреварот со Финска.
Данска ќе игра пријателски средби со Холандија и Србија на крајот на месецот.
Ериксен се врати на терените на 26 февруари и доби стоечки овации кога влезе во игра на мечот со Њукасл, а потоа одигра 90 минути против Норич и Барнли.
Откако мораше да го напушти Интер, Ериксен тренираше со својот бивш клуб Оденсе и кажа дека сака да ја обнови кариерата со цел да игра на Светското првенство во Катар. Тој помина седум сезони во Тотенхем, пред да дојде во Интер во 2020.