ЕШЛИ ЏАД ГО ТУЖИ ВАЈНСТИН ЗА УНИШТЕНА КАРИЕРА

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Актерката Ешли Џад покрена тужба против некогаш моќниот холивудски продуцент Харви Вајнстин, тврдејќи дека тој ѝ ја уништил кариерата како одмазда што одбила секс со него.

Џад беше дел од групата актерки кои минатата година јавно го обвинија Вајнстин за сексуално вознемирување, а некои и за силување.

„Вајнстин ја искористи својата моќ во забавната индустрија за да направи штета врз угледот на Џад и да ги ограничи нејзините можности да најде работа“, се вели во обвинението поднесено во суд во Лос Анџелес.

Ова уследи неколку месеци откако режисерот Питер Џексон откри дека сакал да ги ангажира Џад и Мајра Сорвино во „Господар на прстените“, кога сфатил дека двете се наоѓаат на црна листа на компанијата „Вајнстин“. Тој кажа дека лично Вајнстин го предупредил дека е „ноќна мора да се работи со овие две актерки“.

Во јануари, Џад изјави дека верува дека Вајнстин ја ставил на црна листа „затоа што не се плашела од него“.

Ако го добие судскиот спор, Џад кажа дека добиените пари ќе ги донира на организацијата „Времето истече“.