ФИЛМ ЗА АРЕТА ФРЕНКЛИН ЌЕ СЕ ПРИКАЖЕ 46 ГОДИНИ ОТКАКО БЕШЕ СНИМЕН ОД СИДНИ ПОЛАК

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Долгоочекуван документарен филм за Арета Френклин ќе има премиера 46 години откако беше снимен.

„Неверојатна благодат“ го сними оскаровецот Сидни Полак во 1972 година, за потоа неколку децении да остане во немонтирана форма. Тој конечно ќе има премиера на њујоршкиот фестивал „ДОЦ“ на 12 ноември, откако прикажувањето го одобри и семејството на кралицата на соул музиката.

Филмот поради низа технички проблеми беше довршен дури во 2011 година, по што Френклин и нејзините адвокати во неколку наврати го блокираа неговото излегување. Правните проблеми завршија дури по смртта на пејачката во август годинава, по што и нејзиното семејство даде зелено светло за пуштање на филмот во јавност.

Филмот е снимен во текот на две ноќи во една баптистичка црква во Лос Анџелес, кадешто Френклин го снимаше својот албум „Неверојатна благодат“. Поради голема грешка на самиот Полак, тој добил 20 часа снимен материјал што беше исклучително тешко да се измонтира, по што студиото „Ворнер брос“ се откажа од филмот.

„Фановите на Арета ќе бидат воодушевени од секој момент на филмот, бидејќи нејзините гениј, посветеност кон Господ и дух се присутни во секој кадар“, вели продуцентот Алан Елиот, кој ги откупил правата на филмот во 2007 година, една година пред смртта на Полак.