АКО СИ ИСКРЕН, ЌЕ ТИ СЕ ОСТВАРИ СОНОТ – КИНЕМАТОГРАФЕРИТЕ НА САД ГИ НАГРАДИЈА ЉУМА И ДАУТ ЗА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонските кинематографери Самир Љума и Фејми Даут се наградени од Американското здружение на кинематографери за работата на документарецот „Медена земја“.

Наградата, која се додели за првпат во оваа категорија, на синоќешната свеченост во Холивуд им ја врачи Тод Филипс, режисерот на „Џокер“. „Медена земја“ има две номинации за годинашните Оскари, а „Џокер“ 11.

Претставувајќи ги добитниците, Филипс, кој кариерата ја има почнато во документарниот филм, рече дека „ова е златно време за документарците“.

„Ова е добар пример за секој кој сака да се занимава со оваа работа, дека еден ден можеш да го држиш ова признание само ако си многу искрен. Ако го сакаш тоа што го работиш и сонот ќе ти се оствари“, изјави Љума по доделувањето на наградата.