Кралот Лир е една од најпрестижните улоги во светот на глумата и сега и официјално е потврдено дека Ал Пачино ќе го игра овој лик во новата филмска адаптација, што ќе се снима наредната година. Холивудскиот ветеран на тој начин ќе им се придружи на великаните како Лоренс Оливие и Орсон Велс, кои оставија силен впечаток со оваа улога.

Приказната за некогаш моќниот, а сега полуден монарх ќе ја режира Британецот Мајкл Радфорд, номиниран за Оскар за „Поштарот“ во 1996 година.

„Лир е улога кон која се стреми секој актер. Ал ја имаше оваа идеја веќе подолго време. Ова е огромна улога, бидејќи Лир буквално го има во секоја сцена. Мислам дека ќе му одговара на Пачино, бидејќи тој е неверојатен актер“, изјави Радфорд.

Познат по својот разновиден актерски опус, Пачино ја почнал кариерата во театар, пред Френсис Форд Копола да го ангажира во „Кум“. Тој дури го сними документарниот филм „Барајќи го Ричард“, преку кој ја искажа својата голема страст кон Шекспир.

Снимањето на филмот треба да почне наредната есен во Велика Британија. Последниот актер кој ја играше оваа улога беше Ентони Хопкинс во адаптација на Би-Би-Си.