„АЛИТА“ НА КАМЕРОН И РОДРИГЕС ИГРА ВО СКОПСКИТЕ КИНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Алита: борбениот ангел“, новиот филм на филмските визионери Џејмс Камерон („Аватар“) и Роберт Родригес („Град на гревот“), од денеска игра во скопските кина Синеплекс и Милениум, повеќе од 15 години откако почна да се прави.

Приказната за сајбер хероината во постапокалиптичниот свет почна како интимен проект на Камерон, кој откри дека ги откупил правата пред 20 години за својата ќерка, за потоа да му го предаде на Родригес. Првото сценарио беше напишано во 2004 година, а буџетот на филмот достигна до 150 милиони долари.

„Кога Алита (Роса Салазар) ќе се разбуди без сеќавања во светот на иднината, ќе ја пронајде Ајдо (Криштоф Валц), доктор кој увидува дека во ова одамна напуштено тело на киборг се наоѓаат срце и душа на девојка со извонредно минато“, е дел од содржината.

Во филмот играат и оскаровците Махершала Али и Џенифер Коноли.

Нов филм од денеска во Синеплекс е и драмата „Берлин, те сакам“ со Кира Најтли и Хелен Мирен во главните улоги.