АНЈА ТЕЈЛОР-ЏОЈ ЌЕ БИДЕ ПОМЛАДАТА ВЕРЗИЈА НА ШАРЛИЗ ТЕРОН ВО ПРИКВЕЛОТ НА „ЛУДИОТ МАКС“

Сиднеј, (Гардијан)

Анја Тејлор-Џој ќе ја игра Фјуриоза во долгоочекуваниот приквел на „Лудиот Макс: Патот на бесот“, што ќе го раскаже потеклото на одметничката која се појави во блокбастерот со Шарлиз Терон од 2015 година.

Џорџ Милер ќе го режира и овој, петти филм од серијалот, а во главни улоги ќе бидат и Крис Хемсворт, кој во март треба да почне да го снима новиот „Тор“ и Јахја Абдул-Матин („Аквамен“, „Матрикс 4“).

Фјуриоза е еден од многуте ликови што биле развивани за време на 15-годишното правење на „Патот на бесот“ и друго сценарио за нејзин живот било напишано пред да почне да се снима овој филм.

„Долго време мислев дека би можеле компјутерски да ја подмладиме Шарлиз Терон, но мислам дека сме далеку од тоа, и покрај храбрите обиди во ‘Ирецот‘“, изјави Милер во мај.

„Лудиот Макс: Патот на бесот“ беше неочекуван хит на Оскарите во 2016 година, кога се закити со шест статуетки.