„БИЗНИСОТ НА ЗАДОВОЛСТВОТО“ НА ГОЦЕ ЦВЕТАНОВСКИ ОСВОИ „СРЕБРЕНО РЕМИ“ НА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО ХЈУСТОН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дебитантскиот игран филм на Гоце Цветaновски, „Бизнисот на задоволството“, е добитник на наградата „Сребрено реми“ на Меѓународниот филмски фестивал во Хјустон (WorldFest-Houston International Film Festival).

Фестивалот со 57-годишна традиција е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Меѓу режисерите кои таму биле наградени се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Спајк Ли и Дејвид Линч.

„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција на над 4.000 филмови од 70 држави е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој сѐ беше добитник на награда ‘Реми‘ во историјата на фестивалот“, рече режисерот Гоце Цветановски, најавувајќи дека филмот ќе игра во домашните киносали од септември.

Ова е деветта фестивалска награда за филмот, а трета во САД.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски. Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.