„БИЗНИСОТ НА ЗАДОВОЛСТВОТО“ НА ЦВЕТАНОВСКИ НАГРАДЕН ЗА НАЈДОБАР ФИЛМ НА ФЕСТИВАЛ ВО КАЛИФОРНИЈА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Филмот „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија, САД.

Фестивалот се одржа од 10 до 14 април, по 22. пат. Филмот по вторпат е награден во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.

„Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови“, рече Цветановски.

„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.