Чешката анимирана авантура за деца „Дури и глувците одат во рајот“, во режија на Дениса Гримова и Јан Бубеничек, утре (24 октомври) ќе има премиера во киното Милениум во Скопје од 18 часот. По премиерата во Скопје, филмот ќе биде прикажан во повеќе градови низ земјава и онлајн на платформата cinesquare.net.
Дистрибутерот „Катавеј“ вели дека филмот е синхронизиран на македонски и на албански јазик и зборува за двајца смртни непријатели – малото глувче Визи и лисицата Вајтбели, кои по еден несреќен настан се среќаваат во животинскиот рај. Тие ги губат своите природни инстинкти и стануваат најдобри пријатели.
Станува збор за чешко-француско-полско-словачка копродукција која беше меѓу номинираните за најдобар европски анимиран филм во 2021. Филмот е добитник на повеќе фестивалски награди.