ДАНИЕЛ КРЕГ ЌЕ ДОБИЕ 25 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ЗА „БОНД 25“

Лондон, (Вараети)

Даниел Крег ќе добие 25 милиони долари за враќањето во улогата на Џејмс Бонд во 25. филм од популарната франшиза, пари што го натерале да заборави на некои свои поранешни изјави.

Британскиот актер во август минатата година потврди дека ќе игра во сѐ уште неименуваниот филм, иако пред три години во едно интервју кажа дека „попрво ќе си ги пресече вените со стакло, отколку повторно да го глуми тајниот агент 007“.

Претходно се шпекулираше дека на Крег му се понудени 135 милиони долари за да се појави во наредните два филма од франшизата, но овие суми потоа се покажаа претерани. И со оваа сума, тој ќе влезе во редот на најплатените актери во Холивуд, што ги вклучува Двејн Џонсон, Том Круз и Роберт Дауни Џуниор.

Премиерата на „Бонд 25“ е закажана за 8 ноември 2019 година.