ДЕ ПАЛМА РАБОТИ НА ХОРОР ФИЛМ ЗА СЛУЧАЈОТ ВАЈНСТИН

Париз, (Би-Би-Си)

Холивудскиот ветеран Брајан де Палма изјави дека работи на сценарио за хорор филм, што се базира врз скандалот со Харви Вајнстин.

Легендарниот режисер, автор на хоророт „Кери“, вели дека го следи случајот на Вајнстин, кој деновиве беше обвинет за силување, откако минатата недела ѝ се предаде на њујоршката полиција. Десетици жени, од кои повеќето актерки, го обвинија некогаш најмоќниот холивудски продуцент за сексуално вознемирување и силување. Тој сега се соочува со 25 години затвор.

„Познавам многу луѓе кои се вмешани. Слушнав многу приказни изминативе години. Режисерите треба да ги придобијат довербата и љубовта на актерите и секое кршење на ова на кое било ниво е нешто најлошо што можеш да го направиш“, вели 77-годишниот Де Палма.

Во филмот ќе се зборува за сексуални злоупотреби во филмската индустрија, но Де Палма вели дека неговиот лик нема да се вика Харви Вајнстин.

„Тоа е хорор филм, со сексуален предатор и приказната ќе се одвива во филмската индустрија“, откри тој во интервјуто за весникот „Л‘Паризиен“.