Голем број ѕвезди ќе бидат дел од анимираниот мјузикл „Пинокио“, што оскаровецот Гилјермо дел Торо конечно ќе почне да го снима, две години откако постигна договор со „Нетфликс“.
Насловната улога ја доби дебитантот Грегори Ман, Јуан Мекгрегор ќе биде Крикет, а Дејвид Бредли – Џепето. Покрај нив, во кастингот се и Кристоф Валц, Тилда Свинтон, Кејт Бланшет, Џон Тортуро, Рон Перлман и Фин Волфхард.
Мексиканскиот филмаџија ќе го смести прославениот лик на Карло Колоди во 1930-ите, во времето на подемот на фашизмот во Италија.
„По долги години развивање на овој проект од соништата, го најдов совршениот партнер во ‘Нетфликс‘. Поминавме многу време во избирањето на актерската екипа и мислиме дека анимацијата е идеалниот медиум да се раскаже оваа класична приказна на еден сосема нов начин“, изјави Дел Торо.
Засега не е познато кога би била премиерата на филмот.