Стриминг сервисите, од кои некои сѐ уште не се ни лансирани, влегоа во отворена војна за стари популарни серии, за кои се подготвени да издвојат огромни суми пари за да ги имаат во своја програма.

Сите 12 сезони на „Бубалици“ ќе можат да се гледаат преку „Ејч-Би-О макс“ кога тој ќе биде лансиран на пролет, во договор вреден 500 милиони долари.

Во исто време, „Нетфликс“ објави дека ги откупил правата на „Сајнфелд“ за повеќе од 500 милиони долари, но оваа серија ќе биде достапна на мрежата дури од 2021 година. Ова е одговорот на „Нетфликс“ откако загуби две од најпопуларните серии, „Пријатели“, која се сели на „Ејч-Би-О макс“ за 425 милиони долари и „Канцеларија“, што за 500 милиони долари ја презема новиот стриминг сервис на Ен-Би-Си, „Пикок“.

„Нашата цел е да направиме и нова верзија на ‘Канцеларија‘“, изјави Бони Хамер од Ен-Би-Си.

„Пикок“ ќе почне со работа во април, а во меѓувреме ќе се појават и стриминг сервисите „Дизни+“ и „Епл ТВ+“.