ДЕНИ БОЈЛ НЕ Е ЗАИНТЕРЕСИРАН ДА СНИМА ТРЕТ „ТРЕИНСПОТИНГ“

Лондон, (Би-Би-Си)

Режисерот Дени Бојл вели дека не размислува за правење на трет дел на „Треинспотинг“, барем во овој момент.

Оригиналниот филм, што се базираше на романот на Ирвин Велш, излезе во 1996, додека продолжението следеше дури 21 година подоцна. Бојл вели дека не е заинтересиран уште еднаш да ги обедини Рентон, Бегби и Спад.

„Би требало да има многу добра причина за да ги вратиме овие ликови уште еднаш. Мислам дека оваа приказна отиде најдалеку што можеше“, изјави Бојл.

Повеќе од две децении откако приказната за хероинските зависници од Единбург стана голем хит, Јуан Мекгрегор, Џони Ли Милер, Јуен Бремнер и Роберт Карлајл се обединија во „T2 Треинспотинг“, кој покажа што во меѓувреме се случувало со нивните ликови. Бојл претходно кажа дека би можел да се сними посебен филм за ликови како Бегби, за кој Велш пишува во својот роман „The Blade Artist“.