Детската ѕвезда од 1980-ите Ке Хуј Кван направи неочекуван камбек во Холивуд откако ноќеска освои Златен глобус за најдобра споредна улога за научно-фантастичниот филм „Сè секаде одеднаш“.
Педесет и едногодишниот Кван не оствари голема филмографија по големите хитови „Гунизи“ и „Индијана Џонс 2“ од средината на 1980-ите и примајќи ја наградата, особено им се заблагодари на режисерите на „Сè секаде одеднаш“, Даниел Куан и Даниел Шајнерт.
„Повеќе од 30 години подоцна, вие се сетивте на мене. Тие го запамтија тоа дете и му дадоа шанса да проба повторно“, изјави видно емотивниот Кван, кој е роден во Виетнам.
Тој имаше само 12 години кога Стивен Спилберг му даде значајна улога во вториот дел на „Индијана Џонс“, а потоа беше ѕвезда на еден од омилените семејни филмови „Гунизи“, но буквално го снема од Холивуд пред да наполни 20 години.
Кван потоа се откажа од глумата за да студира филм на Универзитетот на Јужна Калифорнија, по што работеше зад камерите. Поминаа две децении пред повторно да почне да глуми.
„Не верував дека овој ден ќе дојде. Тоа беше ден што долго го чекав, со децении. И конечно се случи. Кога имаш сон и на некој начин го закопуваш зашто мислиш дека нема да се оствари, неверојатно е кога тој сепак ќе се оствари. Плачев многу“, кажа Кван во интервјуто за АП.